
Ова наше Барање е резултат на длабокото разочарување од неговото постапување и односот кој тој го има не само со нас како синдикални претставници, туку и со вработените во Министерството и вработените од шумската полиција, но и со граѓаните генерално. Ова наше Барање доаѓа по игнорантскиот однос кој трае веќе една година, период во кој тој воопшто нема одговорено на ниту едно наше официјално Барање, информација или било каков допис кој ние го имаме доставено. Сметаме дека е апсолутно недозволиво еден претставник на Влада што се декларира за народна, транспарентна и принципиелна, да има ваков однос кон било кој синдикат, а најмалку кон еден репрезентативен кој претставува 1/3 од вработените. Неговиот арогантен однос за разлика од сите останати Министри во Владата со кои имаме одлична комуникација и соработка, воопшто не соодветствува со вредностите на Владата и политичката опција која тој ја претставува, ниту пак со основните принципи на демократско и транспарентно владеење. Односот во кој се изнаслушавме лаги од негова страна, а на последната изнудена средба која ја имавме на 15.05.2025 година, бевме оставени да чекаме цел еден час пред неговиот кабинет и на која воопшто не беа сослушани нашите добронамерни забелешки кои доаѓаат од вработените, на кои тој им ветуваше дека ќе бидат вклучени во сите процеси, е целосно спротивен на нашите очекувања и на очекувањата на граѓаните.