Уште еднаш сакаме да потенцираме дека е целосна лага и невистина дека вработените во МВР повеќе нема да имаат зголемување на платите и дека платите ќе се намалат за 20% односно 30% и дека тоа го направиле синдикатите. Со новиот Закон за внатрешни работи не се предвидува намалување туку целосно нов систем на плати. Синдикатот не е тој што ги носи законите или учествува во нивното предлагање. Овие лица доколку конечно го прочитаа и нешто разбраа од законот после 4 месеци од неговото донесување, забелешките и барањата за одговорност да ги достават кај нивните политички лидери и пратенички групи во Собранието од ДУИ, ВМРО, СДСМ, ВЛЕН, ЛЕВИЦА со кои се фотографираа изминатиот период или доколку имаат храброст нека повикаат на протест за зголемување на платите како што тога го прави НСП , а ние како единствен синдикат кој овие 2 години протестира и јавно говори за состојбите уште сега најавуваме дека ќе ги подржиме.
Согласно новиот Закон за внатрешни работи кој беше донесен уште во месец Август 2025 година не се предвидува ниту зголемување ниту намалување на платите туку целосно нов систем на пресметка на платите во кој ниту една плата нема да биде намалена, а полициските службеници и понатаму ќе имаат 10 проценти повисока плата од овластените службени лица, а се предвидуваат повеќе додатоци кои ќе ги разграничат и одвојат платите на вработените по следните основи:
– додаток на плата за ниво на работното место;
– додаток на плата за сложеност на работите на работното место;
– додаток на плата за обем на работните задачи;
– додаток на плата заради посебни услови за работа и опасност по живот, односно
постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на работниците на
определени работни места и
– додаток на плата заради влијание на пазарот на трудот и одливот на кадри или
задржување на стручни кадри, како и потребите на Министерството за определени струки
и образовни профили кои се неопходни за непречено вршење на надлежностите.
Ова значи дека повеќе нема да постојат унифицирани плати за сите организациски единици туку вработените во организациските единици со поголем обем, сложеност и ризик ќе добијат поголемо зголемување за разлика од тие што имаат помал обем, сложеност и ризик. По новиот колективен договор кој треба да се склучи согласно новиот ЗВР, секој ќе добие зголемување на плата, но зголемувањето нема да биде подеднакво за сите.
Како синдикат сметаме дека Министерството сериозно треба да работи на зголемување на платите на полициските службеници исто како што треба да работи на елиминирање на влијанието на политиката преку која вакви и слични луѓе служејќи се со лаги и манипулации без никакви компетенции и основно познавање на правото се поставуваат на функции Помошници министри, началници, командири, претседатели на синдикати. Покрај платата и условите ова е еден од клучните фактори поради кои полицијата и безбедноста на државата ни е на ова дереџе.
Како синдикат кој никогаш не ги делел и нема да ги дели колегите по ниту еден основ, иако многупати се обидувале да не бележат со различни етикети ги повикуваме колегите да не потпаѓаат под ситните манипулации кои ги прават поединци за свои лични интереси и унапредувања.
