Полицајците не сакаат да решаваат тестови за интегритет, да им ја проверуваат имотната состојба на секои три месеци, ниту пак да им се забранува да членуваат во политички партии.
Ова следува откако Владата предложи, а пратениците се многу блиску до изгласување на измените на Законот за внатрешни работи, со кој припадниците на МВР ќе мора да подлежат на тестирање со кое ќе се проверува нивниот интегритет, односно дали се тие склони на корупција и совесно ги извршуваат работните задачи, нешто што ќе се случува по една година откако ќе се донесат законските измени, како и да им се проверува колку се збогатиле во претходните три месеци, односно да не е тоа за повеќе од 20 просечни плати, но и ќе им биде забрането да членуваат во политички партии. Ова законско решение веќе стигна до второ читање во Собранието, а вчера повторно доби зелено светло од собраноската Законодавно правна комисија. На потег е собраниското мнозинство, кое е согласно дека треба да се донесе ваква регулатива, со образложение дека така ќе се департизира Полицијата, а како што велат од власта, таа е во согласност и со препораките на ГРЕКО за намалување на корупцијата.
Фактор за оваа тема разговараше со Гоце Делчев-Тодев, претседател на Гранскиот независен синдикат на Полицијата, кој брои 3.100 припадници на МВР, потоа 540 затворски полицајци, 170 припадници на Судската и 350 припадници на Шумската полиција.
Тој вели дека негов, но и став на полицајците кои потпѓаат под неговиот синдикат, е дека ваквото одвојување на полицајците со строги контроли за интегритет и имотна состојба, но и забраните да членуваат во политички партии, од сите други граѓани кои на тоа не се прморани, е некоректно и противуставно и затоа овие одредби ќе бидат дадени на преиспитување кај Уставниот суд.
„Зошто да не им се прави тест на интегритет на здравствените работници, или на политичарите, на министрите, на судиите, на обвинителите или на градоначалниците, а такви тестови да им се прават само на полицајците. Тоа е противуставно и дискриминаторско кон граѓанинот кој е вработен како полицаец“, објаснува Делчев-Тодев.
Според него, не е во ред овие работи на полицајците да им се наметнуваат со законски одредби, а ниту еден друг граѓанин да нема такви законски обврски.
На забелешката дека и пратениците, министрите и градоначалниците пополнуваат анкетни листови за својата имотна состојба, кои се објавуваат на веб страната на Државната комисија за спречување на комисијата, првиот човек на независниот полициски синдикат вели дека тие сами ги пополнуваат листовите, и ниту некој проверува дали се точни, ниту пак сносат некакви последици доколку не се вистинити, ниту, пак, функционерите имаат некакви проблеми доколку им се зголемила имотната состојба на крајот на нивните мандати. Исто така, тие анкетни листови се пополнуваат само на крајот и на почетокот на мандатот, а не им се проверува имотната состојба на секои три месеци.
„Станува збор за 12 илјади луѓе кои се вработени во МВР. Ако сите тие на секои три месеци се обврзани законски да пополнуваат извештаи за својата имотна состојба, ќе се затрупаат и тие а и Полицијата со бирократски процедури. Тоа е нарушување на работното право на граѓанинот кој е полициски работник“, вели Делчев-Тодев.
Тој се согласува дека и кај полицајците треба да има проверки за промени во нивната имотна состојба, бидејќи, не е тајна дека и кај нив, како и во секоја друга професија, има и поединци кои се склони на корупција. Но, не е во ред, како што смета, со закон да бидат обврзани на секои три месеци да докажуваат како дошло до промени во нивниот имот,
„Зарем ако дошло до промена во мојот имот, на пример, лото или сум добил некое наследство или подарок, зарем јас за тоа ќе треба да одговарам бидејќи за повеќе од законски дозволеното се зголемил мојот имот“, прашува првиот човек на Полицискиот синдикат.
Кога станува збор за законската одредба да им се забранува на полицајците да членуваат во политички партии, Делчев-Тодев вели дека таа одредба е неуставна. Веќе е поднесено барање ова да се преоцени на Уставен суд.
„Така полицаецот е во неправедна положба во однос на другите граѓани. Ако смее да е гласач за одредена партија, зошто да не смее да биде и член“, вели тој.
Претседателот на Полицискиот синдикат се согласува дека има корупција во редовите на МВР, но како што нагласува, и сега има кој тоа да го забележи, да го пријави и како тоа да се провери, наместо да се решаваат тестови за интегритет и да се следи имотната состојба на секои три месеци.
„Ако еден полицаец, на пример, посегне кон корупција, тоа сигурно ќе го забележи неговиот претпоставен, началникот, и тој веднаш реагира. Си има и сега акти и процедури како тоа се прави. Ќе поднесе пријава до внатрешна контрола, и до сите други институции, може и да го следат доколку се дозволат ПИМ мерки. И ќе се открие дали прима мито. За се има начин како да се открие доколку се сака дали е корумпиран полицаецот. А не да се бара од 12 илјади луѓе да поднесуваат извештаи за имотната состојба“, вели Делчев Тодев.
Тој нагласува дека ако се сака, многу е лесно и сега да се открие корумпиран полицаец.
„Полицаец не учествува на тендери и големи јавни набавки каде што се вртат големи пари. И затоа тој не може да направи толку голем криминал, односно да земе толку многу мито. Полицаец паѓа на пет евра, постојано тоа го кажувам. Не дека немало корумпирани полицајци, имало и има и ќе има. Но, тоа лесно може да се открие и не треба да се носат посебни закони“, вели Делчев Тодев.
Како што пишуваше веќе Фактор, ќе мора да има прво тест за интегритет, па вработување во Министерството за внатрешни работи. На сите што ќе сакаат да бидат дел од МВР, но и на веќе вработените полицајци, ќе им се прави тест за интегритет. Кога еднаш ќе докажат дека го имаат, на припадниците на МВР тоа нема да биде еднаш засекогаш дадена потврда, туку нивниот интегритетот постојано ќе треба да се реоценува. За полициските службеници ќе се воведе и обврска за пријавување на нивниот имот и интереси, а тие нема да смеат ниту да членуваат во политички партии.
„Заради спречување корупција и злоупотреба на службената положба, а со цел јакнење на интегритетот на работниците во Министерството и превентивно дејствување, организациската единица ќе врши проверка на интегритет преку спроведување тест за професионален интегритет на работниците“, е една од новите одредби што се додава во Законот за внатрешни работи. Оваа проверка кај работниците во МВР ќе се врши континуирано.
Превземено од faktor.mk