Речиси 18 милиони евра исплатило Министерството на поранешни или актуелни вработени кои решиле по судски пат да бараат отштета за повредените работнички права. Неосновано се отпуштале и прераспределувале полициски службеници, не се исплаќале надоместоци за прекувремена, ноќна и работа за време на празници. Ова се само дел од причините поради кои министерството морало да исплати милионски суми од својот буџет.
Според статистиката на МВР, во периодот од 2010 до 2017 година поднесени се вкупно 14.779 тужби против МВР. Во оваа бројка има и случаи кои се уште се во тек. Изгубените спорови во истиот период го чинеле министерството 17.874.035 евра. Најголем број тужби, но и највисоки исплатени суми имало во изборните 2011 и 2014 година. 2011 предничи со поднесени 2874 тужби против МВР и исплатени 3.598.841 евра. Следна е 2014 година со 2294 тужби и исплатени 2.683.447 евра. Карактеристично е што бројот на поднесени тужби во постизборните години е најмал, но сумите исплатени за отштети се помеѓу највисоките. Во 2012 и 2015 кога се поднесени помалку од 1000 тужби, од буџетот на МВР се одлеале по речиси 3 милиони евра за прекршени работнички права.
Од вкупната сума исплатени пари, забележително е дека министерството исплатило повеќе за судски трошоци отколку за главниот долг. Па така, кај работниците кои тужеле завршиле 7.747.011 евра, додека судските трошоци го чинеле МВР 10.127.020 евра.
Според нашите извори во МВР, големите судски трошоци се должат и на жалбените постапки кои ги барало МВР и во случаи кога се знаело дека нема да се промени судската одлука. Познавачите брифираат дека министерството поднесувало жалби за да го одложи извршувањето на пресудата, односно да се одложи исплатата.
Ги прашавме и синдикатите, но бројките кои тие ги евидентирале не се одраз на реалната бројка, бидејќи голем дел од полициските службеници не тужеле преку синдикатите. Според податоците од адвокатите со кои соработува МПС, за седум години се поднесени 689 тужби против МВР, а во корист на работниците е одлучено во 524 случаи. Од Независниот синдикат пак велат дека преку добиени случаи на нивните адвокати до 2016 година, на полициските службеници кои тужеле им биле исплатени 3 милони евра.
Адвокатите кои ги водат овие случаи брифираат дека во моментов има над 2200 тужби кои се уште немаат правна разрешница. Во изминатите 7 години полицијата работеше во лоши услови, со стари униформи. Кршењето на работничките права од страна на МВР го оштетило буџетот на министерството за околу 18 милиони евра, пари со кои можеле да се санираат лошите услови во полициските станици или да се набави нова опрема.
Превземено од www.24vesti.mk